Поранешниот фудбалер на Баерн Минхен, Херта и Шалке, Александер Баумјохан вели дека бил пречекан со зборовите: „Алекс кој?“ кога првпат зборувал со Луис ван Гал на тренинг на Баварците, признавајќи дека било многу тешко да се соработува со холандскиот тренер.
33-годишниот Баумјохан, кој сега игра во австралискиот клуб Сиднеј, во кариерата работел со некои од најуспешните тренери во Бундеслигата како Феликс Магат и Јуп Хајнкес, но вели дека работата со Ван Гал била неиздржлива.
„Професионалец сум од 2004 и искусив многу добри и многу тешки работи. Најтешкото беше тоа што немав доволно трпение во Баерн. Бев млад, сакав да играм повеќе, но беше брутално тешко под Луис ван Гал. Тој не ме знаеше и кога се запознавме на тренингот, ми кажа: ’Алекс кој?’. Беше зачуден кога му го кажав презимето. Не знам дали тоа беше ментална игра или навистина не ме знаеше, но веднаш знаев дека ќе биде тешко за мене. Сакав да заминам во првата недела“, вели Баумјохан.