Џонатан Барнет, долгогодишниот агент на поранешната ѕвезда на Реал Мадрид, Герет Бејл вели дека Велшанецот нема да се врати на фудбалот и покрај интересот на газдите на Рексам, холивудските ѕвезди Рајан Рејнолдс и Роб Мекелени, бидејќи „веќе не сака да игра фудбал“.
33-годишниот Бејл се пензионираше во јануари по настапот на Светското првенство во Катар, по што иако имаше опција да остане уште една сезона во МЛС тимот на Лос Анџелес ФЦ, реши да одбие ваква можност. Откако Рексам се вратија во Лига 2, односно четвртата лига во Англија, Рејнолдс и Мекелени го повикаа да се врати за уште една сезона, нешто што тој го одби.
„За него пензијата дојде во вистински момент. Оствари се што сакаше – играше со Велс на Светско првенство, освои пет титули од Лигата на шампионите со Реал Мадрид и знаеше дека телото не му е подготвено за уште фудбал. Сега има одличен живот, ужива со семејството и со децата и тоа сака да го прави. Има идеи за иднината, но во моментов само ужива“, вели Барнет.