Top Sport

Бен Арфа и „пеколот“ на „Паркот на принцовите“

Хатем Бен Арфа, конечно, заминува од Пари Сен-Жермен ставајќи крај на една од најскандалозните соработки во модерниот фудбал.

31-годишниот Французин на Инстаграм потврди дека заминува од „Паркот на принцовите“ на крајот на сезоната, а веќе има заинтересирани премиерлигаши за неговите услуги, како Лестер сити.

Поранешниот фудбалер на Њукасл и Хал сити ефективно беше „замрзнат“ во Пари Сен-Жермен, откако не играше на ниту еден натпревар за клубот.

„Завршува мојата авантура во ПСЖ, а и покрај тешките времиња среќен сум што го носев овој дрес и ќе ги задржам прекрасните моменти со моите колеги и навивачи. Секогаш ќе бидам навивач на ПСЖ“, напиша Бен Арфа.

Што точно правеше Хатем Бен Арфа оваа година во ПСЖ? „Франс фудбал“ тврди дека ја има целата приказна. Пролетта 2017 година, по поразот од Барселона, Бен Арфа наводно му кажал на тренерот Унаи Емери дека никогаш нема да го поминат четврт-финалето на Лигата на шампионите и покрај тоа што имаат силен состав. Зад грбот на Емери, пак, Бен Арфа ги „забавувал“ своите колеги со имитирање на обидот на Емери да зборува француски.

„Престани да зборуваш како да си Меси. Ти не си Меси“, му кажал Емери на тренинг во 2016 година.

Покрај тоа, „Франс фудбал“ тврди дека Бен Арфа бил забележан како си јаде кебаб на тренинзите на клубот.

ПСЖ се обидоа да се ослободат од него. Поранешниот директор на фудбал на ПСЖ, Патрик Клајверт му соопштил јасно дека тој нема иднина во клубот.

„Мораш да заминеш, менаџерот не те сака, ти најдовме клуб. Фенербахче, бидејќи турската лига е силна“, му кажал Клајверт.

Ова Бен Арфа веднаш го одбил, како и обидот на Марио Балотели да го натера да дојде во Ница минатото лето.

„Франс фудбал“ оди понатаму со анегдотите. Во април 2017 година, Бен Арфа во разговор со емирот на Катар, Ал-Тани му кажал дека полесно може да зборува со него отколку со претседателот на клубот, Насер Ал-Хелаифи, кој тогаш ветил дека тој нема да игра повторно за ПСЖ.

Scroll to Top