Top Sport

Бен Једер и Севилја го замолчеа „Олд Трафорд“! (видео)

Навивачите на Манчестер јунајтед ќе го запаметат францускиот напаѓач Висам Бен Једер, откако со два гола за четири минути и донесе на Севилја 2:1 победа на „Олд Трафорд“, ставајќи крај на европската авантура на тимот на Жозе Мурињо.

По првото досадно реми 0:0, реваншот во Англија беше со малку повисок интензитет, но двата тима не успеаја да направат многу шанси во првото полувреме. Мурињо по критиките стартуваше со Маркус Рашфорд во нападот, но во стартниот тим го немаше Пол Погба, со Маруан Фелаини во средината.

Од другата страна, од тимот на Винченцо Монтела не се очекуваше премногу во Англија, но тие се покажаа како цврст тим кој беше опасен во нападот.

Тоа најдобро се почувствува во финишот на натпреварот, откако во 74. минута Сарабија фантастично го пронајде Бен Једер, кој со одличен удар го совлада испружениот Давид де Хеа. Уште не беше слегната „прашината“ на „Олд Трафорд“, а веќе беше 0:2 – Бен Једер се најде на вистинското место на голот, и ја искористи лошата интевернција за Де Хеа.

Јунајтед, сепак, се „разбудија“ во финишот на натпреварот, и во 84. минута од мечот, по корнерот на Рашфорд, Ромелу Лукаку постигна атрактивен гол.

По минатогодишното освојување на Лигата на Европа, фановите на „ѓаволите“ очекуваа многу повеќе во Лигата на шампионите, но, засега, Јунајтед е доволно силен само за осминафинале. За Севилја и Винченцо Монтела пак, ова е големо постигнување, посебно откако италијанскиот стратег не воодушеви со резултатите по доаѓањето во Шпанија.

Фото: ЕПА

Scroll to Top