Карим Бензема вели дека не би ги менувал четирите трофеи од Лигата на шампионите кои ги освоил со Реал Мадрид за светската титула со Франција, признавајќи дека размислува за „Златната топка“ постојано, но дека не е опседнат со неа.
Бензема е „блокиран“ од враќањето во француската репрезентација од селекторот Дидие Дешам поради скандалот со наводната уцена до поранешниот соиграч од националниот тим, Матју Валбуена, и самиот Дешам неколку пати изјавуваше дека нема шанси тој да се врати во репрезентацијата, која пред две години во Русија се искачи на врвот на светот.
„Не, не никако не би ги менувал моите титули со Реал за тоа. Не жалам за ништо. Најгорд сум од тоа што сум шампион со Реал Мадрид“, вели Бензема во Јутјуб интервју.
Бензема беше еден од клучните фудбалери на Зинедин Зидан во сезоната во Ла лига, помагајќи „кралевите“ да ја прескокнат Барселона и да ја освојат титулата. Со ова тој ќе беше еден од кандидатите за „Златната топка“, но организаторите „Франс фудбал“ потврдија дека оваа година нема да се додели.
„Секако, мислам на ’Златната топка’ од моето детство, но не полудувам поради тоа. Кога си професионален фудбалер и освојуваш титули мислиш на ’топката’. Секогаш се обидувам да бидам најдобар на светот“, вели Бензема.