Карим Бензема верува дека неговото отсуство од француската репрезентација е поради неговата наводна улога во уценувањето на Матју Валбуена и не очекува да се врати во синиот дрес додека Дидие Дешам е на чело на репрезентацијата.
Ѕвездата на Реал Мадрид последен пат играше за Франција кога постигна два гола во 4:0 победата над Ерменија во октомври 2015 година. Следниот месец, тој беше уапсен како дел од истрагата за уцената со секс-лента на колегата од францускиот тим, Валбуена.
Дешам во мај изјави дека со Бензема во составот ќе се наруши „хармонијата“ во тимот, а 29-годишниот Бензема вели дека скандалот е главната причина.
„Може да биде тоа, секако, бидејќиимаше приказни пред да почне аферата. Но, лично, мислам дека ако нешто е толку надвор од фудбалската игра, треба да го оставите таму. Го заборавивме фудбалот. Поминаа две години од мојот последен натпревар. Немам проблем со тренерот, но додека тој е тука, не верувам дека ќе добијам шанса. Заборавија што можам да донесам како спортист. Можеби и Дешам е под притисок на јавноста“, вели Бензема во интервју за „Канал плус“.
Тој би сакал Дешам да ја разјасни ситуацијата, но нема јавно да го повика да го направи тоа.
„Не се работи за тоа кого јас ќе повикам. Се слушнавме пред Европското првенство и тогаш немаше објаснување. Дешам е некој кого го почитувам и кој ми покажал голема почит, но потоа ми го сврте грбот. Тоа боли“, додава Бензема.