Top Sport

Бербатов: Ниту Меси и Роналдо не го „оправаат“ Манчестер јунајтед

Поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, Димитар Бербатов смета дека неговиот поранешен клуб ќе продолжи да се мачи со привлекувањето на големите фудбалски имиња и дека се наоѓа во ситуација во која ниту Лионел Меси и Кристијано Роналдо не би помогнале да се „крене“ тимот.

„Ѓаволите“ се петти во Премиер лигата по 24 кола, 33 поени зад лидерот Ливерпул и 6 зад четвртопласираните Челси откако загубија дома од Барнли со 0:2 и многу е реално втора сезона едноподруго да не се квалификуваат во Лигата на шампионите. Покрај тоа, засега во јануарскиот преоден рок тие не успеаја да потпишат со ниту едно засилување, по откажувањето на зделката за Бруно Фернандеш од Спортинг Лисабон.

Бербатов вели дека Солскјер е вистинскиот човек за клубот, но дека ќе биде многу тешко да се направи пресврт во овој транзиционен период.

„Јунајтед се во лизгачка позиција подолго време и кога си таму, тешко е да сопреш. Да, освоија некои мали трофеи, но јасно е дека не се таму каде што сите очекуваат. Лесно е да се обвинува, но има повеќе фактори. Понекогаш притисокот расне и едноставно не сакаш да си со топката. Оле е вистинскиот човек, но мора да направат добар бизнис во трансферите и да купат играчи. Прашањето е кого да пуштат и дали некој сега сака да дојде на ’Олд Трафорд’. Жално е што Јунајтед сега треба да убедува некој да дојде кај нив, додека порано само требаше да се спомене името и сите потпишуваа. Слушавме за Бруно Фернандеш, но тој не е магионичар, зарем мислите дека со еден играч ќе се вратат на победите? Ниту, Меси и Роналдо не би го направиле тоа. Сега е потребно да се гради тим, а не да се потпираат на еден играч“, вели Бербатов.

Scroll to Top