Клуб од Ла Лига покажал сериозен интерес за услугите на капитенот на Динамо Загреб, Аријан Адеми.
Хрватскиот портал „Индекс“ пишува дека Адеми е еден од тројцата фудбалери што ги следел фудбалскиот клуб Бетис.
Според овој извор прва мета на Бетис бил Гвидо Родригез од Ривер Плата, а доколку не успеат да го реализираат неговиот трансфер тогаш би се насочиле кон Адеми.
Адеми има 28 години, во Динамо е од 2010 година, а досега одбил неколку понуди да го напушти Загреб. Македонскиот репрезентативец на овој начин ја искажува благодарноста кон клубот кој целосно застана зад него кога во 2015 година му беше изречена четири годишна суспензија поради допинг.
Адеми беше позитивен на допинг тестот по мечот со Арсенал на 16 септември 2015 година. Казната потоа му ја намали Меѓународниот спортски суд на 24 март 2017 година.