Top Sport

Без голови во Киев, Ливерпул ќе продолжи без Салах! (видео)

Првото полувреме на големото финале на Лигата на шампионите во Киев не донесе голови, но имаше многу возбудувања, драма и повреди на теренот на „Олимпискиот“ стадион.

Ливерпул во ловот за шестата европска титула ќе мора без својата прва ѕвезда, човекот кој оваа година постигна 44 голови, Мохамед Салах, кој доби незгодна повреда во дуел со Серхио Рамос и во 31. минута на неговото место влезе Адам Лалана.

Несреќата ги посака и во „Лос бланкос“, откако Зинедин Зидан мораше да направи замена во 37. минута, кога Карвахал се повреди и на неговото место дојде Начо Фернандез.

Кристијано Роналдо во 15. минута посериозно се закани пред голот на Кариус, кога успеа да ја мине одбраната на „црвените“, но шутираше над голот. Ливерпул во 23. минута притисна и преку младиот Александер-Арнолд беше во најсериозна шанса, но Кејлор Навас беше сигурен на голот.

Реал Мадрид сметаа дека дојдоа во водство во 43. минута, кога по едно нафрлање, прво со глава топката ја погоди Кристијано Роналдо (во момент кога имаше офсајд), Кариус одбрани, а потоа Карим Бензема ја смести во голот, за што судијата реши да суди дека тој се наоѓа во недозволена состојба.

„Лос Бланкос“ во 45. минута имаше уште една убава шанса, кога Начо шутираше од страната на голот на Ливерпул.

Иницијативата која Ливерпул ја покажа во првиот дел од полуврмеето крајот не донесе водство за англискиот тим, а ќе треба да се види дали отсуството на Салах ќе биде клучно за мотивацијата во второто полувреме, посебно откако „кралскиот клуб“ покажа дека не му треба многу да дојде во шанса во последните десетина минути.

Уште 45 минути со титулата подеднакво во рацете на двата клуба.

Scroll to Top