Овогодинешната фудбалска Лига на шампиони е невообичаена во форматот поради Ф8 во Лисабон. Испаѓањето на фаворитите од три од петте најсилни фудбалски лиги во Европа тргна уште во осминафиналето, а истата продолжи и во четвртфиналето.
Интересниот податок гласи – првпат по 1991 година во полуфиналето на ЛШ нема ниту една екипа од Англија, Шпанија и Италија.
Челси, Ливерпул, Јувентус, Наполи, Реал Мадрид и Валенсија застанаа уште во осминафиналето, а Манчестер Сити, Аталанта, Атлетико и Барселона беа запрени во четвртфиналето.
Последен пат вакво нешто се случи во елитното натпреварување кога белградска Црвена Звезда стана европски шампион, во Бари 1991 година.
Таа година пред полуфиналето беа запрени Милан (од Олимпик Марсеј), односно мадридски Реал (од Спартак Москва).
Паровите на овогодинешните полуфиналиња се германско – француски: Баерн Минхен – Лион и ПСЖ – РБ Лајпциг.