Оливер Бирхоф, поранешниот фудбалер, а сега тим-менаџер на германската репрезентација инсистира дека нема простор за „црни сценарија“ во германскиот фудбал и дека почнува нова ера во „маншафт“ без Матс Хумелс, Џером Боатенг и Томас Милер.
Тројката на Баерн Минхен, која беше клучна во освојувањето на светската титула во 2014, веќе нема да биде повикувана од селекторот Јоаким Лев пред стартот на квалификациите за Евро 2020, нешто што предизвика многу реакции во Германија, а најгласен беше поранешниот селектор, Јирген Клинсман.
Германија игра со Србија во пријателски меч пред дуелот со Холандија во квалификациите за Евро 2020, а нови лица во тимот се дефанзивецот на Лајпциг, Лукас Клостерман, играчот од средниот ред на Херта, Никлас Штарк и напаѓачот на Вердере, Максимилијан Егештајн. Бирхоф вели дека ова наликува на 2004, кога Германија постави нова генерација на фудбалери откако беше елиминирана во натпреварите по групи на ЕП.
„Не сакам да верувам во црни сценарија и сега сме во далеку подобра позиција од 2004 година. Вистина е дека има помалку потенцијални репрезентативци во У16 и У17 репрезентациите, но имаме доволно добри фудбалери кои можат да се развиваат. Другите нации имаат подобри таленти, но и ние имаме наши ѕвезди“, вели Бирхоф.