Тимовите од англиската Премиер лига можат да очекуваат уште повеќе пари во иднина, откако се подготвува битка за ТВ-правата меѓу гигантите Амазон, Фејсбук и Нетфликс.
Во претходните случаи кога имаше аукција за правата од англискиот фудбал имаше пораст од 70 отсто во приходите за тимовите, кои стануваа сè побогати. 15 од сегашните 20 тимови во Премиер лигата ги срушија сопствените рекорди за трансфери во последните години, а четири од преостанатите го направија тоа од 2014 – само Њукасл јунајтед остануваат со стариот рекорд од 25 милиони евра за Мајкл Овен во 2005 година.
Од 1992/93 и „ребрендирањето“ на англиската Прва дивизија во Премиер лигата, „Скај спортс“ постојано го имаа мнозинството права на ТВ-правата, а компании како Сетанта не можеа да влезат на овој пазар. Но, на тоа дојде крај кога „БТ Спортс“ влезе во борбата за правата и сега телеком гигантот планира да се бори и за правата за 2019/22, кои ќе се одредат во февруари.
Конкуренцијата како Амазон, Нетфликс и Фејсбук може да донесе повеќе пари за тимовите, а помалку за компаниите. Амазон веќе ги добија правата за 37 АТП турнири во Велика Британија и Ирска, додека Фејсбук има договор за пренос на мечевите од Лигата на шампионите поради договорот со Фокс спортс.
Новиот тендер вклучува 200 натпревари во живо по сезона, зголемување од претходните 168 меча по воведувањето на саботните вечерни мечеви. Најбогатата лига на светот ќе стане уште побогата.