Фудбалскиот навивач кој влезе на теренот на Вест Хем и го постави знаменцот од корнерот во центарот англиските медиуми го идентификуваа како 61-годишниот бизнисмен Пол Колборн, кој вели дека „морал да направи нешто“ и доброволно се предал на полицијата.
Кризата во Вест Хем беше продлабочена со 0:3 поразот од Барнли, но најмногу шокираа четирите влегувања на терен на навивачите, вклучувајќи обид за напад на директорите на клубот, а еден од навивачите доби „зафат“ од капитенот Марк Нобл.
Колборн, зборувајќи за „Дејли мејл“, вели дека 49 години присуствува на натпреварите на Вест Хем и жали за своите постапки, но вели дека морал да го искаже своето незадоволство и лутина кон сопствениците откако Вест Хем го срушија „Аптон парк“, стадионот кој беше 112 години дом на клубот.
„Одам на натпревари на Вест Хем дома и на гости 49 години и сум бил на повеќе од 200 натпревари. Не планирав ништо, но во тој момент почувствував дека морам да направам нешто. Мораш да застанеш зад тоа што веруваш. Луѓето умирале и биле ставани на стрелање за тоа во што веруваат. Не бев насилен, но не можев да издржам кога Барнли поведе со 0:2. Се прекачив преку оградата го земав знамето и тргнав кон центарот“, објаснува Колборн.
The state of West Ham’s fanbase. Robbing the corner flag in the middle of the game. pic.twitter.com/3uPURJNNQx
— Daniel. (@Danderweireld) March 10, 2018
Тој беше соочен со велшкиот дефанзивец на Вест Хем, Џејмс Колинс, познат како „Црвенокосиот Пеле“ меѓу навивачите на „чеканите“.
„Џејмс Колинс дојде и ми кажа: ‘Што правиш?’. Јас му кажав дека тој е тука 15 години и дека го сакам, но дека јас сум тука 49 години и го поставив знамето во центарот. Колинс беше навистина разумен со мене“, додава Колборн.
Вест Хем го очекува строга казна за случувањата и може да биде приморан натпреварите до крајот на сезоната да ги игра без навивачи.
Но, Колборн вели дека се работи за „симболичен гест“ и дека бил инспириран од сличен инцидент пред 25 години. Во мечот против Евертон на „Аптон парк“, еден навивач на „чеканите“ го зеде корнер-знаменцето и го постави во центарот во знак на протест за плановите за акции на клубот, со кои навивачите двапати ќе плаќаа – прво за акции, а потоа за сеонзки билети. Планот подоцна беше напуштен.
Колборн, кој на сите натпревари оди со својот син-тинејџер вели дека ќе ги поднесе последиците.
„Се надевам дека фановите ќе се охрабрат, но јас ќе се соочам со последиците. Верувам дека ќе ме уапсат бидејќи во неделата се предадов и тие ми кажаа дека постои кривична истрага. Малку ми е страв дека Вест Хем ќе ме тужат и ќе ми ги соберат парите. Не сум безумен хулиган, а знамето не беше оружје“, додава Колборн.
Барнли му оддржа лекција на Вест Хем, фановите полудеа (видео)