Елиф Елмас, репрезентативецот на Македонија, одигра 69 минути во ремито на Болоња и Наполи (1:1). Со ова реми Наполи останаа на шестото место со 53 бода, но сега ист број на бодови има и Милан. Екипата од Милано со пресврт во вториот дел ја победи Парма со 3:1. Значајни бодови во борбата за опстанок освои Сампдорија со триумфот над Каљари 3:0.
Болоња и Наполи добија по едно полувреме на меѓусебната средба на „Ренато Далара“. Наполи имаа предност со голот на Манолас постигнат во раната фаза на натпреварот. Гркот по подолго време се најде во стартниот тим на Наполи. Болоња подобрата игра во вториот дел ја круниса со голот на Бароу во 80 минута, откако претходно поради минимален офсајд во 67 минута му беше поништен гол на Паласио.
Милан имаше 0:1 против Парма по првиот дел. Куртиќ во 44 минута го совлада Донарума. Слично како и против Јувентус, Милан направија експресен пресврт. Во 55 минута израмни Кеси, а во 59 Ромањоли погоди за 2:1. Конечниот резултат го постави Чалханоглу во 77 минута.
Сампдорија со голот на Габиадини и двата гола на Бонацоли забележа сигурна победа 3:0 над Калјари.