Легендата на хрватскиот фудбал, Ален Бокшиќ му оддаде почит на поранешниот претседател на Олимпик Марсеј, контроверзниот Бернар Тапи, признавајќи дека тој купувал натпревари за францускиот клуб, по што им исплаќал бонуси на фудбалерите.
Бокшиќ имаше само 22 години кога дојде во Марсеј во 1992 година и во првата сезона го крена Европскиот куп, пред потоа да игра и за Лацио и Јувентус. Таа титула на клубот од „Велодром“ подоцна беше „зацрнета“ со обвинувањата за местење мечеви и Марсеј заврши во втората лига и ја загуби титулата од 1992/93, а Тапи заглави во затвор. Бокшиќ вели дека ретко имал подобар газда.
„Неодамна бев во Марсеј на 25-годишнината на титулата. Бевме голем тим и имавме најдобар претседател. Тој купи еден натпревар, а потоа ни даде бонус за таа победа. На крајот тој беше казнет, а фудбалерите станаа богати. Бев млад кога пристигнав во Марсеј, и играв со Руди Фелер, кој веќе беше стар и немаше што да докажува и затоа ми помогна многу“, вели Бокшиќ во интервју со својот соиграч од репрезентацијата, Игор Штимац.
Бокшиќ не беше дел од славната генерација на Хрватска која го освои третото место во 1998 година откако го повреди коленото. Сега, од сегашната хрватска репрезентација бара малку дисциплина за успех во Русија.
„Иван Ракитиќ навистина ме изненади бидејќи никогаш не верував дека може да биде толку добар. Хрватска има одлични фудбалери, но малку дисциплина. Немаме лидер кој ќе не поттурне“, додава Бокшиќ.