Top Sport

Болт на тренинзи со норвешкиот прволигаш Стромгодсет (видео)

Осумкратниот олимписки шампион Јусеин Болт очигледно не се откажува од својот фудбалски сон, откако почна со тренинзи со норвешкиот прволигаш Стромгодсет.

31-годишниот јамајчански спринтер, носител на светските рекорди на 100 и 200 метри, ќе одигра еден меч против норвешката репрезентација до 19 години оваа недела со клубот. По пензионирањето од атлетиката по Светското првенство во Лондон минатото лето, Болт веќе тренираше со Борусија Дортмунд и со јужноафриканскиот клуб Сандаунс.

„Можеби некој клуб ќе види нешто и ќе реши да ми даде шанса“, вели Болт, кој ќе игра и на добротворниот меч на „Олд Трафорд“ на 10 јуни заедно со славни лица и поранешни фудбалери.

Јостеин Фло, директорот на фудбал на Стромгодсет вели дека не се работи за егзибиција и барање за внимание.

„Тој е добар и како фудбалер, и затоа заслужува да тренира со клубот. Фудбалерите беа изненадени бидејќи само им кажавме дека ќе дојде фудбалер кој е многу брз. Беше вистински шок за нив. Се надевам дека ќе научат нешто од него“, вели Фло.

Фото: ЕПА

Scroll to Top