Англискиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон се закани дека Англија може да се повлече од Светското првенство во Русија доколку се докаже обидот за труење на поранешен руски шпиун.
66-годишниот Сергеј Скрипал и неговата 33-годишна ќерка се во критична состојба по допирот со непозната супстанција во англискиот град Салисбјури.
„Не знаме што точно се случило, но, доколку навистина е толку лошо колку што изгледа, ова е уште еден криминал во низата кој може да се припише на Русија. Јасно е дека Русија е попречувачка сила во Обединетото Кралство и во целиот свет. Ќе биде тешко да има присуство од Обединетото Кралство на Светското првенство во Русија“, изјави Џонсон пред британскиот парламент.
Претходната британска истрага утврди дека рускиот претседател Владимир Путин „најверојатно“ го одобрил убиството на поранешниот агент на КГБ, Александер Литвиненко со радиоактивниот полониум-210 во 2006 година во Лондон. Од Кремљ ова постојано беше демантирано.
Фото: ЕПА