Њу Ингланд Револушн, тимот кој настапува во американската МЛС лига, објави дека поранешниот голман на Тотенхем и Блекбурн, Бред Фридел е нивниот нов главен тренер.
Њу Ингланд беа без тренер по отпуштањето на Џеј Хипс во септември во моменти кога Револушн беше блиску до дното на Источната конференција. Ова е прва професионална работа за Фридел, кој претходно работеше со американскиот У19 состав.
„Можам да гарантирам дека ќе дадам 100 отсто за клубот и за фановите“, изјави Фридел, кој имаше неверојатни 668 настапи во професионалната кариера.
Фридел играше до својата 42. година како голман на Тотенхем, а исто така е рекордер во Премиер лигата по бројот на последователни настапи, дури 310, во низа во која настапуваше за три клуба (Блекбурн, Астон Вила и Тотенхем). Додека не беше изоставен од составот на Тотенхем на 7 октомври 2012, претходен пропуштен натпревар му беше дуелот на Блекбурн против Бирмингем на 15 мај 2004 година.