Сопственикот на англискиот третолигаш Бредфорд сити, Един Рахиќ вели дека е заинтересиран за поврзување со гигантот Ред бул слично како што има тимот на РБ Лајпциг и Салцбург.
Компанијата за производство на енергетски пијалоци покрај успешниот пробив во Формула 1 со своите два тима (Ред бул рејсинг и Торо росо) и поддршката на голем број на екстремни спортови, во последно време инвестира во фудбалот поврзувајќи повеќе фудбалски клубови, како Салцбург, Њујорк ред булс, Ред бул Бразил, Ред бул Гана и секако, најуспешниот проект, германскиот вице-шампион РБ Лајпциг.
Рахиќ, германскиот бизнисмен со босанскохерцеговско потекло, претходно работеше со директорот на РБ Лајпциг, Ралф Рангник и призна дека разговарал со поранешниот колега пред поразот на Бредфорд сити во плеј-офот за влез во втората лига од Милвол.
„Во 2012 година тој сакаше јас да дојдам во Лајпциг, но тоа не се оствари. Пред плеј-офот во мај ми се јави да ми посака добра среќа. Ако Ред бул се заинтересирани за англиски проект, ние би биле задоволни за соработка. Немаме многу пари, така што би било одлично да добиеме талентирани фудбалери на заем и да ги развиваме. Тоа би било совршена платформа за тим како Лајпциг. Исто така би имале и сличен стил на игра и слична филозофија на тренинзи“, вели Рахиќ во интервју за „Спокс“.
Рангник беше во Англија на крајот на 2016 и ги следеше натпреварите на Челси, Чарлтон и Брентфорд, зголемувајќи ги шпекулациите за инвестиција, но сопственикот на компанијата, Дитрих Матешиц изјави дека не е подготвен да го преземе Нотингем Форест.
„Нема ништо тука. Тоа не е ниту шпекулација. Би било лудост да одиме во Англија по успехот во Лајпциг. Прво, тоа би било погрешно од спортска перспектива, бидејќи УЕФА нема да го дозволи“, изјави тогаш Матешиц.
Меѓутоа, во јуни УЕФА одлучи дека Салцбург и Лајпцинг можат да настапуваат во Лигата на шампиони бидејќи не постои конфликт на интереси со идентичниот сопственик, така што легалната ситуација отвара можност за соработка со англиски тим.