Легендата на Ливерпул, Роби Фаулер нема да се врати на тренерското место во австралискиот клуб Бризбеј роар по рестартот на А-лигата следниот месец, потврдија од клубот.
Поранешниот напаѓач и неговиот асистент Тони Грент се вратија во Англија во март по пандемијата на корона вирусот, а сега клубот вели дека тој нема да продолжи да биде тренер поради „ситуацијата со вирусот“ и на негово место ќе биде Велшанецот Дарен Дејвис.
„Разочарани сме што глобалната пандемија ги наруши нашите заеднички планови, но сфаќаме дека семејството е најважно во овие тешки времиња. Роби ни овозможи стабилност и знаење во нашиот клуб“, изјави потпретседателот на клубот, Крис Фонг.
45-годишниот Фаулер претходно беше тренер на тајландскиот клуб Муангтонг јунајтед во 2011/12, пред да го преземе Бризбејн на стартот на сезоната. Тој го предводеше тимот, кој беше при дното на табелата во претходните сезони до четвртото место на шест кола пред крајот на регуларната сезона.