Јувентус, во вторникот, доживеа елиминација од Порто во Лигата на шампионите. Португалците го минаа осмина-финалето благодарение на гол повеќе постигнат на гостински терен, во Порто победија со 2:1, а во Торино беа поразени со 2:3.
По мечот, официјалниот спикер на натпреварите на Порто, Фернандо Саул, брутално го навредил Кристијано Роналдо и неговото семејство. Подоцна се извинил за коментарот.
„Им се одмаздивме на италијанските крадци за кражбата во Базел 1984 година (финале во Купот на победници на купови). Ѝ се одмаздивме на свињата Роналдо за се она што го правеше на „Драгао“. Чекам сега видео на Долорес (мајката на Роналдо) и останатото беззабо семејство“, напишал Саул на Инстаграм.
Ова не е прв пат Саул да предизвика инцидент со своите коментари. Пред четири години, добил едномесечна суспензија, кога на стадионот, во текот на мечот рекол дека „сите се уморни од крадење“.