Top Sport

Буфон до Донарума: Јуве никогаш не е погрешна опција

Легендарниот Џанлуиџи Буфон изјавил дека не може да го советува далеку помладиот наследник и имењак Донарума како да ја планира својата иднина.

Голманот за кого многумина се согласни дека е вистинскиот наследник на Буфон е редовна тема во италијанскиот печат. Откако летото ги полнеше весниците со сагата за потпишувањето на новиот договор, изминатите недели е повторно актуелен бидејќи неговиот менаџер најави дека ќе го тужи клубот и ќе го раскине договорот со Милан.

Запрашан што би било вистинско решение за оваа ситуација, Буфон со насмевка рекол дека Јувентус никогаш не е погрешна опција.

„Не можам да го советувам бидејќи не ја знам вистинската ситуација, не знам колку е емотивно врзан за Милан. Би можел да му кажам неколку работи, како што тоа го направив кога влезе во репрезентацијата, но сепак пресудно е она што се наоѓа внатре, во душата“, рекол Буфон.

Легендарниот голман, откако Италија не успеа да обезбеди пласман на Светското првенство, најави дека ќе ја заврши кариерата по завршувањето на сезоната. Одлуката може да ја смени само доколку Јувентус ја освои Лигата на шампионите, што би му ја отворила можноста да заигра на Светското клупско првенство.

Scroll to Top