„Походот“ на саудиските клубови на европските фудбалски ѕвезди продолжува со Џанулиџи Буфон, откако 45-годишниот голман на Парма доби богата понуда за преселба, јавува „Кориере дело спорт“.
Поранешниот голман на Јувентус уште е активен во Серија Б по трансферот во Парма во 2021 година, и лани и покрај паузата поради повреда, имаше 19 настапи за клубот. Според весникот, саудиските клубови му нудат неверојатни 30 милиони евра по сезона.
Буфон има уште една сезона од договорот со Парма, и ако ја прифати понудата ќе стане вториот италијански фудбалер кој играл во Саудиска Арабија по Себастијан Џовинко, кој од 2019 до 2021 беше дел од Ал-Хилал.