Кристијано Роналдо со „право размислува за самиот себе“ вели Џанлуиџи Буфон, и поранешниот соиграч од Јувентус сфаќа зошто враќањето во Манчестер јунајтед било толку привлечно за него.
Во Италија имаше многу критики кон Роналдо за начинот на кој си замина од Јувентус по три сезони во кои не успеа да стигне до посакуваната цел, трофеј од Лигата на шампионите, а поранешните ѕвезди на Јуве, Такинарди и Брио го обвинија дека требал барем да се прости со навивачите кои го обожаваа. Буфон вели дека великан како Роналдо ќе диктира каде и како ќе замине.
„Мислам дека фановите не треба да бидат изненадени. Тој има репутација како голем професионалец кој со право има високо мислење за самиот себе . Овие три години тој имаше одлични перформанси и постигна многу голови. Не гледам ништо нелогично во неговиот избор да замине, сигурно размислил добро за тоа. Јуве се во период на транзиција, не знам дали е генерациски или структурно. Кога имаш таква ситуација, страдаш. Кога имаш тренер како Алегри, можеби не стигнуваш до целта, но стигнуваш блиску до неа“, вели 43-годишниот Буфон, кој оваа сезона се врати во својот стар клуб, Парма во Серија Б.