Top Sport

Буфон: Скандал е што Нејмар не доби „златна топка“

Ветеранот на голот на Пари Сен-Жермен, Џанлуиџи Буфон вели дека е „скандал“ што Нејмар уште нема добиено „златна топка“ како најдобар фудбалер на светот, верувајќи дека Бразилецот и другиот негов соиграч Килијан Мбапе ќе доминираат во фудбалот следната деценија.

Буфон доби шанса да ги види двајцата напаѓачи откако во текот на летото од Јувентус замина за француската престолнина, со што пропушти шанса да игра покрај Кристијано Роналдо, кој дојде во Торино од Реал Мадрид за 100 милиони евра. Меѓутоа, тој вели дека не жали, бидејќи Мбапе и Нејмар се еднакви со Португалецот.

„Играв со многу шампиони во мојата кариера и сакав да игра со сите, вклучувајќи го и Роналдо. Но, и во Париз има шампиони. Мбапе и Нејмар имаат такво педигре. Околу Неј, вистински ’скандал’ е што уште нема освоено ’Балон д’ор’ и треба да е лут за тоа. Тој и Килијан имаат талент да доминираат во следните десет години“, вели Буфон во интервју за „Кориере дела сера“.

Буфон во својата блескава кариера има освоено многу титули, но му недостасува трофеј од Лигата на шампионите, титула која исто така многу ја посакуваат во Париз.

„Само на крајот на кариерата ќе ви кажам што значи Лигата на шампионите за мене. Не дојдов во Париз да ја освојам, но се надевам дека носам нешто во тимот. Не се работи ниту за парите, бидејќи никогаш не сум бил проститутка за пари. Парите се важни, но не и најважни“, вели Буфон.

Фото: ЕПА

Scroll to Top