Џанлуиџи Буфон вели дека е задоволен со одлуката да потпише со Пари Сен-Жермен, првично бидејќи во Франција има многу помалку стрес отколку во Италија. 40-годишниот голман ги изненади сите кои очекуваа да ја заврши кариерата по 17 години во Јувентус, и наместо тоа заигра првпат надвор од Италија.
„Ако сум вака среќен и полн со ентузијазам сега, тоа е само поради новите соиграчи и атмосферата во соблекувалната. Има многу хумор, многу добро расположение и далеку помалку стрес отколку во Италија, што е ново за мене. Во Италија честопати сме поинтензивни за некои работи и стануваме малку премногу опседнати со фудбалот. Тука имам поинаков пристап кон мечевите, кон тренинзите. Дома, и тоа не само во Јуве, има многу поголем притисок“, вели Буфон во интервју за „Франс фудбал“.
Француските новинари го „уловија“ италијанскиот ветеран на прошетка со неговата свршеница Иларија Д’Амико, и тоа со цигара во раката. Очигледно во Париз е поопуштено.