Бугарскиот селектор Петар Хубчев доби двегодишно продолжување на договорот со кое ќе остане на чело на националната репрезентација и во квалификациите за Европското првенство во 2020 година.
„Никој не ми кажа јасна цел пред продолжувањето на договорот, но јасно е дека мораме по секоја цена да се обидеме да бидеме на Европското првенство“, изјави 53-годишниот Хубчев, поранешен дефанзивец на Хамбургер и Ајнтрахт Франкфурт.
Хубчев беше дел од славната бугарска репрезентација која стигна до полуфиналето на СП во САД во 1994 година, и го замени Иваило Петев на селекторското место во септември 2016, но квалификациите за СП во Русија поминаа лошо – Бугарија беше четврта во групата со 13 поени од 10 меча, 10 поени зад Франција и шест зад Шведска и Холандија.
Хубчев, кој претходно беше тренер на Славија Софија, Ботев Пловдив и Берое Стара Загора знае дека го чека притисок од нетрпеливата публика.
„Договорите во фудбалот секогаш се условни. Имам две години, но кој може да вети дека ќе ги исполнам“, вели Хубчев, кој е познат по својата стриктна дисциплина во тимот.