Претседателот на Бреша, Масимо Челино инсистира дека сезоната 2019/20 во Серија А е завршена поради корона вирусот, критикувајќи ги Наполи и Лацио кои најавија дека од следната недела ќе почнат со тренинзи.
Досега Италија има над 4.800 жртви од корона вирусот, и Челино вели дека е беспредметно да се зборува за фудбал бидејќи се работи за „чума“ посочувајќи дека ако Клаудио Лотито толку ја сака титулата, треба да му ја подарат.
„Не бидете глупави, како да ја продолжиме сезоната? Веќе мислам на следнат година и само на тоа. Копа Италија, скудетото? Ако Клаудио Лотито толку ја сака, нека ја земе титулата. Тој е уверен дека се непобедливи и нека мисли така. Како можеме да зборуваме за Серија А кога имаме чума? Не ми е грижа за фудбалот сега“, вели Челино за „Кориере дело спорт“.
Бреша и Бергамо, двата града во провинцијата Ломбардија се најтешко погодени од пандемијата, но вечните ривали сега се обединети во борбата.
„Постојано добивам вести од Бреша и зачудувачки е со таква трагедија да се носиш со таква гордост. Овие луѓе имаат родители, роднини, пријатели кои умираат секој ден и страдаат во тишина. Да се случуваше на друго место ќе имаше револуција. Животот треба да е на прво место и нема фудбал оваа сезона. Некои не сфаќаат дека им се случуваат работи кои се полоши од вирусот. Не верувам во чуда“, додава Челино.