Top Sport

Челино се предомислува: Пипо не е отпуштен од Бреша

Бреша под водство на газдата Масимо Челино повторно е на насловните страници на италијанските медиуми откако зачудувачки во текот на викендот го отпуштија тренерот Филипо Инзаги и покрај тоа што се на третото место на табелата со само 2 поени од првото место.

Но, денеска, Бреша потврдија дека Инзаги „никогаш официјално не бил отпуштен“, иако клубот имал средба со неговиот потенцијален наследник Диего Лопез, и Челино уште размислува за следната одлука.

На денешната прес-конференција, кога се очекуваше промоција на Лопез се појави спортскиот директор Франческо Мароку за да објасни што точно се случува.

„Како што знаете, се сретнав со Диего Лопез и неговиот тим вчера, но нема добра атмосфера во градот за негово враќање. Тој е пријател на Бреша и на претседателот, но по реакцијата на фановите и медиумите, сфативме дека тоа може да биде проблем и тој се откажа. Инзаги икогаш не беше официјално отпуштен, но се разгледува неговата позиција. Има многу разлики меѓу него и претседателот. Филипо е тренер на клубот, мора да соработува и иако заслужува пофалби за силната половина сезона, ние направивме јасна стратегија за трансфери во јануари. Челино не е навикнат да гледа на неделните резултати, туку има визија за иднината“, изјави Мароку.

Ова е само последна во низите на контроверзи околу Челино. Тој беше претседател на Каљари од 1992 до 2014, по што кратко беше во Англија како газда на Лидс јунајтед од 2014 до 2017, пред да се врати во Бреша. Во 20-годишното владеење во Каљари тој направи дури 36 промени на тренерите (за вкупно 27 тренери бидејќи некои се враќаа повеќепати), додека за три години во Лидс смени шест менаџери.

Лош викенд за браќата Инзаги – Симоне го загуби дербито, Пипо ја загуби работата

Scroll to Top