Светската фудбалска федерација (ФИФА) одби да ја „замрзне“ казната за забрана на трансфери што им ја изрече на Челси додека трае жалбениот процес.
Поради кршење на правилото околу трансферите на малолетни фудбалери, ФИФА, минатата недела им изрече забрана за трансфери на Челси во наредните два преодни рока.
Челси ја обжалија одлуката и побараа од ФИФА процесот да биде „замрзнат“ додека трае жалбениот процес, но од Цирих експресно го одбиле барањето. ФИФА тука применува двојни стандарди бидејќи во блиското минато, во случајот со шпанските клубови Реал, Атлетико и Барселона, казната на клубовите им беше во мирување додека не беа разгледани нивните жалби.
Од Лондон се лути на оваа одлука, посочувајќи токму на овие случаеви. Администрацијата на клубот од „Станфорд Бриџ“ тврди дека нема ист третман кај ФИФА.
Покрај забраната за трансфери, ФИФА на Челси им изрече и парична казна од 530.000 евра. Исто така парична казна од 450.000 доби и Фудбалската асоцијација на Англија.
Во истрагата на ФИФА спорни биле 29 од 92 трансфери.