Челси го прати 29-годишното крило Виктор Мозес на едногодишна позајмица во Спартак Москва, негова шеста позајмица од „сините“, кои пак, неверојатно имаат дури 30 фудбалери кои заминаа на привремени договори во други клубови ова лето.
29-годишниот Мозес, прво ќе треба да се опорави од повредата на колкот која ја заработи како играч на Интер минатата сезона, а откако италијанскиот клуб не ја искористи опцијата да го купи Нигериецот за 10 милиони евра, Челси му најде нов тим (секако, преку Роман Абрамович). Мозес ќе потпише едногодишно продолжување на договорот со „сините“ пред позајмицата.
Ова ќе биде шеста позајмица за Мозес, по настапите за Ливерпул, Стоук, Вест хем, Фенербахче и Интер. Пред трансферот во Турција, Мозес беше стандарден првотимец под Антонио Конте во тимот кој ја освои Премиер лигата и ФА купот, но Френк Лампард не смета за него.
Покрај Мозес, Челси има еден куп најавени позајмици: Џек Кларк-Салтер и Баба Рахман ќе бидат пратени во Чемпионшип, каде што може да завршат и Дуџон Стерлинг и Дени Дринквотер.
Ова ќе биде последна сезона во која Челси ќе може да има толку позајмени фудбалери, бидејќи ФИФА од 2021/22 ќе ги ограничи бројот на позајмици. Челси, инаку, има цел оддел за позајмување на фудбалери во кој работат легенди на клубот како Клод Макалеле, Карло Кудичини, Торе Андре Фло и Пауло Фереира.