Top Sport

Челси се пофали со Жиру, Батшуаи отиде во Дортмунд

Челси го комплетираше трансферот на Оливие Жиру од Арсенал, откако 31-годишниот француски напаѓач потпиша осумнаесетмесечен договор со тимот од „Стемфорд бриџ“, и ќе го носи дресот со број 18.

Жиру сакаше заминување од Арсенал откако не добиваше многу шанси за игра, бидејќи сакаше да обезбеди место во француската репрезентација на СП во Русија, а сакаше клуб од Лондон бидејќи тука живее неговото семејство.

„Челси е еден од најголемите клубови во Премиер лигата, и последните шест-седум години се најтрофејниот клуб. Горд сум што сум дел од овој тим“, вели Жиру.

Жиру кариерата ја почна во својот локален тим Гренобил, по што во 2010 година замина во Монпелје, со кои помина една сезона во која ја освоија титулата. Со Арсенал, тој освои три титули од ФА купот, а најдобра сезона му беше 2015/16 кога имаше 24 гола.

Жиру е трето засилување на Челси во зимскиот преоден рок, по Рос Баркли од Евертон и Емерсон Палмиери од Рома.

Во исто време Борусија Дортмунд потврдија дека играчот на Челси, Мичи Батшуаи доаѓа на позајмица до крајот на сезоната.

Scroll to Top