Челси планираат да го реновираат својот стадион „Стемфорд Бриџ“ во проект вреден 2 милијаради фунти, поради што би било можно четири години да играат на други стадиони како „Крејвен котиџ“, „Вембли“, но и рагби стадионот „Твикенхем“, тврди „Дејли мејл“.
„Сините“ долго време се обидуваа да изградат нов модерен стадион или да го прошират „Стемфорд Бриџ“, а сега под водство на новиот американски газда, Тод Бели плановите продолжуваат. Капацитетот на „Стемфорд Бриџ“ е 42.000, далеку помал од стадионите на премиерлигашките ривали Манчестер јунајтед, Ливерпул, или во Лондон, Тотенхем и Арсенал. Проблемот на газдите е тоа што стадионот се наоѓа во западен Лондон во близина на подземната железница, но и подземна река, што значи дека цената на проширувањето ќе биде огромна.