Газдата на Сампдорија, Масимо Фереро доби четиримесечна суспензија од позицијата претседател на клубот поради нерегуларности во финансиите, потврдија од Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) и тоа пред дербито на Џенова овој викенд.
Казната се однесува на „непостоечки трансакции“ со кои се покривале трошоците за реновирањето на тренинг-комплексот на клубот во Бољаско. Сопругата на Фереро, Ванеса, доби идентична суспензија, а клубот ќе треба да плати 15.000 евра.
Фереро, кој по професија е филмски продуцент, подолго време се обидува да најде купувач за поранешниот европски гигант, а оваа година беше блиску до продажба на американски конзорциум предводен од поранешниот напаѓач на клубот, Џанлука Вијали, но Фереро бараше премногу пари. Фереро е на чело на Самп од јуни 2014 година, купувајќи го клубот од семејството Гароне.