Календарски се приближува зимата, падна и првиот снег, а некои фудбалски тимови немаат пораз уште од летото, односно од почетокот на сезоната. Во најсилните пет европски првенства четири тима се уште не загубиле натпревар: Манчестер Сити, Интер, Барселона и Атлетико Мадрид.
Според досегашните резултати најдобар европски тим е Манчестер Сити. „Граѓаните“ имаат само едно реми во 15.натпревари во Премиер лигата. Само Евертон во Премиер лигата не загуби од Сити, а тој натпревар се играше на почетокот на август.
Втор на оваа листа е Интер, кој од вчера е лидер во Серија А, откако Јувентус во петокот му го нанесе првиот пораз на Наполи. Интер три пат ремизирал, а на 12 натпревари победил со гол разлика 33:10. Торино, Наполи и Болоња останаа непоразени во пресметките со тимот на Лучано Спалети.
Барселона е едно скалило под Интер, бидејќи во Шпанија викендов се играше 14.коло. „Блауграна“ има три нерешени и 11 победи. Барса во последните две кола ремизираше со Валенсија и Селта, а одигра нерешено и во осмото коло против Атлетико во Мадрид. Барса е лидер во Шпанија со пет бода повеќе од Валенсија и шест од Атлетико Мадрид.
„Јорганџиите“ не се лидери во националниот шампиона, а се на листата на непоразени екипи. Тимот на Диего Симеоне шест пати има одиграно нерешено против Џирона, Валенсија, Леганес, Барселона, Виљареал и Реал Мадрид.
Од овие четири тима само Интер нема обврски во европските купови, што донекаде му ја олеснува работата. Вистински тест за Интер ќе биде саботниот дуел со Јувнетус кој шест години е нерикосновен суверен во италијанскиот фудбал.