Најславниот германски клуб Баерн Минхен вечерва гостува во Белград кај Црвена ѕвезда во Лигата на шампионите.
Баварците веќе имаат обезбедено пласман во осмина-финалето, први се на табелата во Б-групата со 12 поени, а имаат намера да го задржат максималниот ефект и по мечот во Белград.
Со најсилниот состав Баерн пристигна во Белград. Прва ѕвезда во тимот е Полјакот Роберт Левандовски.
Во пресрет на натпреварот српските медиуми извадија податоци дека на почетокот на кариерата Левандовски ѝ бил препорачан на Црвена ѕвезда.
Мирко Поледица, актуелниот претседател на Синдикатот на професионалните фудбалери во Србија, во 2005 година им го препорачал тогаш 17 годишниот Левандовски на челниците на Црвена ѕвезда.
Поледица бил играч на Легија Варшава во периодот од 2004 до 2006 година, а младиот Левандовски играл во вториот тим на Легија во 2005 и 2006 година. Тогаш младиот напаѓач не успеал да избори место во првиот тим.
Кога Поледица им го препорачал на Црвена ѕвезда добил одговор дека играч кој не може да се избори за место во Легија, не може да игра ниту во Црвена ѕвезда.
Се шпекулира дека Левандовски во тоа време би прифатил и договор со месечна плата од 1.000 евра.
Од Легија Левандовски заминал во третата лига на Полска, во Знич, потоа играл за Лех, Борусија Дортмунд, а од 2014 година е играч на Баерн.
За Баерн досега одиграл 171 натпревар и постигнал 144 гола.