Поранешниот агент на Карим Бензема, Карим Џазири вели дека Франција мора да дозволи напаѓачот да игра за друга репрезентација, како земјата на неговите родители Алжир, откако претседателот на Француската фудбалска федерација (ФФФ), Ноел де Грет изјави дека тој сигурно нема да се врати во националниот дрес.
Бензема е „замрзнат“ од францускиот избор по скандалот со наводното уценување на неговиот соиграч Матју Валбуена во 2015 година, иако подоцна на суд не беше докажана неговата вмешаност. Фудбалерот на Реал Мадрид не беше дел од Евро 2016, ниту од СП во Русија оваа година, каде што „Лес блус“ освоија златен медал.
„Помина три-четири години и уште немаме завршница. Немам ништо против Карим, бидејќи тој секогаш добро се однесуваше во националниот тим, но мислам дека нема да се врати во тимот“, изјави Ле Грет за весникот „Ест Франс“.
Сега, Џазири, кој поголем дел од кариерата на Бензема беше негова „десна рака“ вели дека мора да му се даде нова шанса.
„Ноел, ја завршивте интернационалната кариера на Бензема во јуни 2018 и сега сакате да го повторите тоа и во исто време да го навредите. Која е играта? Се чувствувате виновни? Пишете до ФИФА и кажете им да дозволат да игра за друга репрезентација“, напиша Џазири на Твитер.
Бензема во кариерата одигра 81 натпревар за Франција и постигна 27 гола.