Англиските медиуми сериозно размислуваат за можноста Манчестер јунајтед да го продаде Пол Погба во јануари на Јувентус, но само ако за замена го добие својот поранешен играч, Кристијано Роналдо. Колку ова е реална опција?
Шпекулациите дека Јувентус „мораат“ да се ослободат од Роналдо, поради неговата превисока годишна плата од над 35 милиони евра, се јавија во Италија и во Франција одамна, но се веруваше дека Пари Сен-Жермен се совршената локација за него.
Од друга страна Погба подолго време шпекулира дека ќе си замине од Манчестер јунајтед, на што се надоврза последната изјава на неговиот агент Мино Рајола дека приказната со „ѓаволите“ е „завршена“. Тој има уште 18 месеци од својот договор и невозможно е да се очекува Јунајтед да ги врати 100-те милиони евра кои ги плати на Јувентус пред четири години, но неговата возраст, од 27 години е далеку попривлечна за идниот клуб отколку 35-те години на Роналдо.
За Јунајтед ова би била вин-вин ситуација – заминување на фудбалерот кој создаде повеќе проблеми отколку што донесе квалитет и гламурозниот камбек на херојот од минатото, кој и на 35 години постигнува голови секој викенд и има барем уште неколку години на фудбалските терени. Таман за Јунајтед под Солскјер да го кренат нивото.
Оваа недела пак, шпекулациите велат дека американската компанија „Шевролет“ е подготвена да помогне во финансирањето на враќањето на ЦР7, со плаќање на неговата плата од 500.000 фунти. Останува да се види дали трампата е „реална“.