На италијанскиот фудбал му е потребен нов херој по крајот на генерацијата на Франческо Тоти и Џанлуиџи Буфон, и Патрик Кутроне мора да е следниот херој, природниот наследник на Филипо Инзаги, анализира шпанската „Марка“.
Милан во текот на летото потроши милиони во потрага за напаѓач, откако не успеаја да ги донесат Пјер-Емерик Обамејанг и Андреа Белоти, така што нивното место го пополни Кутроне, кој во првата сезона со сениорскиот тим е најдобар стрелец на Милан со 11 голови во сите натпреварувања, повеќе од Андре Силва и Никола Калиниќ, за кои „росонерите“ платија големи пари (заедно 75 милиони евра).
Фановите на Милан беа загрижени по смената на Винченцо Монтела и доаѓањето на Џенаро Гатузо и продолжувањето на слабите резултати, но сега тимот нема пораз од 23 декември. Во последните шест меча од Серија А, тие имаат 14 поени, и се многу блиску до осминафиналето од Лигата на Европа, а еден човек кој се истакнува на теренот е токму Кутроне.
Од 20-годишниот Кутроне од почеток се бараше успех – тој имаше 43 гола во 67 меча со младинскиот тим на Милан покажувајќи дека е опасен напаѓач. Кутроне е во клубот од својата осма година, и има посебна врска со навивачите на „Сан Сиро“, кои секогаш го сметале за еден од своите.
„Кутроне мора да биде подобар, меѓутоа кога ќе ја погледнете неговата возраст, знаете дека може да биде многу подобар. Понекогаш лесно ја губи топката, но доволно е талентиран да го надополни тоа. Подготвен е за репрезентацијата“, вели Гатузо.
Ако херој е потребен во Милан, тој е уште попотребен во италијанската репрезентација, која во моментов е на најниското ниво по неуспехот да се пласираат на Светското првенство во Русија. Споредбите со Филипо Инзаги се и тука, а и самиот Пипо неодамна имаше добри зборови за талентот.
„Единствено нешто што Кутроне има во умот е постигнување на голови. Со таков приод може да стигне до каде сака“, вели Инзаги.