Деталите од разговорот помеѓу УФЦ ѕвездата Хабиб Нурмагомедов и легендарниот поранешен менаџер на Манчестер јунајтед, Сер Алекс Фергусон, покажуваат дека популарниот Ферги и покрај јавната поддршка која ја дава на Оле Гунар Солскјер, има сомнежи во неговите потези.
Хабиб и Сер Алекс зборуваа малку за фудбалот, посебно за миленикот на двајцата, Кристијано Роналдо, кој во саботата не стартуваше против Евертон, каде што Јунајтед разочараа со 1:1. Кога Нурмагомедов му посочува на Фергусон, дека Роналдо барем влегол во игра, коментарот на Сер Алекс е јасен: „Секогаш треба да стартуваш со својот најдобар фудбалер“.
Оваа критика за Солскјер доаѓа во време кога воодушевувањето на „Олд Трафорд“ по пристигнувањето на Роналдо почна да спласнува, а Јунајтед не успеваат да се убедливи, откако имаа само една победа во последните шест меча, и тоа на драматичен начин против Вилјареал во ЛШ со гол на Роналдо во 95. минута.
Англиските медиуми шпекулираат дека и првите ѕвезди на Јунајтед почнуваат да се сомневаат во способноста на Солскјер – во прв план Роналдо (кој излезе лут по ремито со Евертон), Бруно Фернандеш и Пол Погба. Останува да се види што ќе излезе од тензијата на крај.