Златко Далиќ не беше најпопуларниот избор за селектор на Хрватска кога беше отпуштен Анте Чачиќ во октомври 2017 година, откако „коцкестите“ го загубија првото место во својата квалификациска група.
Далиќ успеа да стигне до клучна победа на гости кај Украина, а потоа и да ја исфрли Грција во баражот, пред во Русија да го направи најголемиот спортски успех во историјата на оваа земја.
„Морам да им честитам на дечките и да им кажам: тие не се нормални. Одиграа фантазија, трчаа, се бореа за секоја топка. Ова е за историја. Благодарност до нашите навивачи, но ова не е нашиот последен збор. Пред нас е и финалето и ќе бидеме светски прваци, ако Бог така посака“, изјави Далиќ.
Тој вели дека никој од фудбалерите не сакал да биде изваден од игра, иако Хрватска пред овој меч одигра двапати по 120 минути против Данска и Русија и двапати победи по пенали.
„Никој не сакаше да излезе, сите велеа не се уморни. Беа храбри. На полувремето им кажав дека не смеат да попуштат, да не ја губат главата и да го држат темпото. Им кажав дека сме подобра репрезентација и да играат по земја. Култот на нашата репрезентација беше загубен, но овие дечки го вратија“, вели Далиќ.
Фото: ЕПА