Дани Алвеш вели дека му е потребен клуб кој знае да ги остварува своите амбиции, откако 36-годишниот ветеран е пред заминување од Пари Сен-Жермен ова лето.
Алвеш се врати од повредените лигаменти на коленото за да има 32 настапи за ПСЖ во сезона во која тие ја освоија титулата од Лига 1, но загубија од Рен во финалето на Купот на Франција и од Манчестер јунајтед во осминафиналето од Лигата на шампионите. Неговиот договор завршува на крајот на сезоната и додека клубот сака да го продолжи договорот на 12 месеци, Бразилецот бара двегодишен договор.
„Имам голема страст за луѓето во Пари Сен-Жермен, луѓето кои се грижат и кои се дел од клубот. Но, ако зборуваме само спортски, не ги остваривме посакуваните резултати и потребен ми е клуб кој знае како да се натпреварува за титулите. Сега сум фокусиран на бразилската репрезентација и на добра Копа Америка, а потоа ќе одлучам што ќе правам. Мојата иднина ќе зависи од понудите кои ќе ги добијам“, вели Алвеш.
Бразилецот има 6 трофеи со ПСЖ од доаѓањето во клубот во 2017, додавајќи на големата колекција на трофеи освоени со Севилја, Барселона и Јувентус.
„Јас сум како добро вино, времето поминува, а јас станувам подобар“, изјави Алвеш, кој одигра 90 минути во 3:0 победата на Бразил над Боливија во саботата.