Top Sport

Давид Силва: Работите се сменија, Јунајтед сега повеќе го почитуваат Сити (видео)

Давид Силва вели дека Манчестер сити конечно добива почит од својот градски ривал Манчестер јунајтед, откако постојано се пред нив по пензионирањето на Сер Алекс Фергусон пред пет години.

Сити ги пречекуваат Јунајтед на „Етихад“ во неделата и со евентуална победа би направиле предност од 12 поени пред „ѓаволите“ на табелата, откако лани тимот на Пеп Гвардиола заврши 19 поени пред своите ривали и ја освоија титулата. Со ова Сити постојано е пред Јунајтед од 2013 година, кога „ѓаволите“ ја освоија рекордната 20-та титула.

Силва вели дека оваа супериорност во однос на ривалот е одлична.

„Тоа што сме пред нив по пензионирањето на Фергусон е само доказ и добра статистика. Дербито се промени откако јас сум тука. Мислам дека клучниот момент беше 6:1 победата на гости во 2011 година, и оттогаш работите се сменија. Сега кога ќе дојдат тука имаат поголема почит кон нас“, вели Силва.

Славната 6:1 победа на „Олд Трафорд“ беше проследена со 1:0 победа на „Етихад“ следниот април и Сити таа сезона го помина Јунајтед во последниот ден од сезоната за да ја освојат првата титула по 44 години.  И покрај доминацијата, Силва признава дека дербито е еден од најголемите мечеви на светот.

„Не можам да направам директна споредба со Ел класико бидејќи не сум играл за Барса или Реал, но овој натпревар носи огромно значење и резултатот секогаш е интересен. Јунајтед можеби сега се подалеку од нас, но уште имаат силен тим и на крајот на сезоната нема да се многу далеку“, вели Силва.

Фото: ЕПА

Scroll to Top