Кевин де Брујне изгледаше исцрпено од првата минута за време на вчерашното финале во Лигата на шампионите. Во 36. минута мораше да ја напушти играта поради повреда.
Белгиецот одигра 60 натпревари во една година на клупски и на репрезентативен план и го доведе своето тело до границата на она што може да го поднесе. Денеска се дозна дека направил и чекор преку работ.
Медиумите на Островот објавија дека Де Брујне последните два месеци игра со повреда на бутниот мускул поради која му се закануваше тримесечна пауза доколку реши да ја рехабилитира. Тој не сакаше да биде надвор од тимот за клучните натпревари во сезоната, па стисна заби и играше сѐ до вчерашниот натпревар.
Во тој период Де Брујне одигра спектакуларни натпревари против Баерн, Арсенал и Реал Мадрид, но сепак не можеше да го издржи ритамот во финалето на Лигата на шампионите.
Тој вторпат во две финалиња не го заврши натпреварот до крајот, туку мораше да излезе поради повреда, која со месеци успешно ја криеше од медиумите. Само неколку луѓе во Манчестер Сити знаеле за тоа.