Кевин де Брујне е подготвен да го продолжи договорот со Манчестер сити доколку клубот биде успешен во отфрлањето на двегодишната суспензија од Лигата на шампионите, јавуваат британските медиуми.
Судот за арбитража во спортот (ЦАС) ќе ги ислуша аргументите на Сити од 8 јуни откако УЕФА им додели двегодишна суспензија од европските натпреварувања и ги казни со 30 милиони евра за прекршување на финансискиот фер-плеј.
Де Брујне овој месец призна дека ќе размисли за иднината доколку нема европски фудбал за Сити, но сега има доверба дека клубот ќе успее во својата мисија и би сакал да остане во Манчестер, каде што неговото семејство се навикнало на англискиот живот.
Белгиецот, кој пристигна од Волфсбург во август 2015 за 55 милиони фунти, има уште три сезони од својот договор со актуелниот англиски шампион. 28-годишниот Де Брујне е главен кандидат да ја преземе капитенската лента од Давид Силва, кој ќе замине од клубот по 10 години ова лето.