Голманот на Манчестер јунајтед, Давид де Хеа го пофали својот капитен Хери Мегваер за „фантастичен“ меч при 2:0 победата кај Лидс, и покрај критиките кои се појавија на социјалните мрежи по враќањето на Мегваер во стартниот состав на „ѓаволите“.
Менаџерот Ерик Тен Хаг невообичаено се реши да стартува со Мегваер и Лук Шо на позицијата на централни дефанзивци, и Мегваер во првите 90 минути игра од 3 јануари беше солиден во одбраната.
„Знаевме дека ако не примиме гол, ќе го добиеме мечот. И го направивме тоа, се боревме до крај како тим. Играчи како Хери, кои не играа толку многу се покажаа како клучни. Тој денеска беше фантастичен и тоа значи дека тимот е силен“, вели Де Хеа.
Самиот Мегваер не сакаше да се фали.
„Најважно е да се победи, не се работи за мене или за било кој друг играч. Јас сум капитен на тимот и тимот е пред мене. Без разлика дали сум на теренот или не, сакам да бидеме успешни“, изјави Мегваер.