Top Sport

Де Јонг: Ван де Бек е играч за Реал Мадрид, но подобро да остане во Ајакс

Новиот фудбалер на Барселона, Френки де Јонг вели дека неговиот поранешен соиграч од Ајакс, Дони ван де Бек би бил совршено засилување за Реал Мадрид, но на шега додава дека за него е подобро тој да остане во Ајакс.

22-годишниот Ван де Бек призна дека преговара со Реал, во обид на Флорентино Перез да донесе уште една млада ѕвезда на „Бернабеу“. Де Јонг и Ван де Бек беа соиграчи во Ајакс минатата сезона во која тимот стигна до двојна домашна титула и се пласираше во полуфиналето на ЛШ, елиминирајќи ги Реал Мадрид и Јувентус.

„Повеќе би сакал да остане во Ајакс бидејќи не би сакал да го видам како противник, а Ајакс ќе остане силен тим. Но, секако, ако се пресели во Мадрид ќе бидам среќен за него. Мислам дека го заслужува тоа бидејќи е голем фудбалер. Тогаш ќе се гледаме во Шпанија“, вели Де Јонг за „ЕСПН“.

Ван де Бек би бил трето големо име кое заминува од Ајакс, по потписот на Де Јонг за Барселона и трансферот на Матијс де Лихт во Јувентус.

„Горд сум на сезоната со Ајакс и со овие трансфери кои се заслужени. Дони покажа во Лигата на шампионите дека е подготвен за било кој предизвик. Малку е тажно што Ајакс го растура тимот, но по таква сезона тоа е за очекување“, додава Де Јонг.

Scroll to Top