Сопственикот на Наполи и Бари, Аурелио ди Лаурентис беше во посета на Сплит на годишното собрание на ЕЦА (Европската асоцијација на фудбалски клубови), по што јавно кажа дека постои интерес да се купи тимот на хрватскиот вице-шампион, Хајдук.
„Овозможете го тоа, дајте ми шанса и ќе го купам Хајдук. Неодамна го преземав Бари, но тоа не значи дека не сум заинтересиран за Хајдук. Треба да се види како тоа може да се оствари. Едуардо Реја ми кажа дека тимот е во рацете на навивачите, и дека тие под никоја цена не сакаат да се откажат од тоа. Подготвен сум за преговори, но не со навивачите, туку со некој од клубот, од градот“, изјави Де Лаурентис, кој своето богатство го направи како филмски продуцент.
Хајдук е под водство на своите навивачи, здружени во „Наш Хајдук“, и многумина во градот обвинуваат дека се водат „матни“ бизниси преку клубот, кој никако не може да ја скрши доминацијата на Динамо Загреб во хрватскиот шампионат.