Фудбалерите на Милан забележаа нов пораз во Серија А. Во 17.коло на „Бентегоди“ во Верона, домашниот тим го декласира Милан со 3:0 (1:0).
Ниту промената на тренерот не донесе подобрување во играта и односот кои кон играта го имаат играчите на Милан. Избраниците на Џенаро Гатузо потклекнаа пред една од најслабите екипи во Серија А, Верона.
Верона до натпреврот со Милан имаше скор од две победи, четири нерешени и 10 порази и се наоѓаше во опасната зона. По дуелот со тимот на Гатузо, Верона прв пат сезонава успеа да се оддалечи од местата кои водат во Серија Б.
Милан од друга страна остана на седмата позиција со 24 бода и е „светлосни години“ оддалечен од местата кои носат пласман во Лигата на шампионите, што беше целта на раководството кое летвоо вложи 230 милиони евра во засилувања.
Головите за Верона на „Бентегоди“ ги постигнаа ветеранот Карачоло во 24., Кин во 55. и Беса во 77.минута.
Милан на овој натпревар имаше 30 удари кон голот на Николас, не успеа да постигне ниту еден гол, додека Верона шест пати шутираше кон Донамура и успеа да постигне три гола.