Динамо Загреб синоќа во Манчестер доживеа прифатлив пораз од Сити (2-0). Во текот на целиот меч играчите на хрватскиот шампион се бранеа, а чудо какви шанси, особено во првиот дел, не успеаја да реализираат играчите на Манчестер сити.
Англиските медиуми во своите коментари се разочарани од Динамо, истакнувајќи дека навивачите на тимот од Загреб биле единственото добро од хрватската страна.
„Пред точно 50 години, во својата најголема европска ноќ, Сити го победија Билбао и се пласираа во финалето во Купот на куповите. Сити во тој натпревар ја имаше поддршката од своите навивачи, но синоќа не видовме ништо од тоа бидејќи играше против противник кој не му беше дораснат. За Сити оваа група ќе биде формалност и тоа е уште една причина поради која Лигата на шампионите од првото коло треба да се игра како нокаут-фаза“, пишува Дејли Мејл.
„Динамо ја отслика лошата страна на Лигата на шампионите. Клуб освоил 13 од последните 14 титули во Хрватска, во тој период освоил само четири бода во Лигата на шампионите. Се појавуваат, бележат порази, среќни се со тоа, земаат пари и се надеваат дека ќе најдат купувач за некој од своите млади играчи. Толку се неважни што преведувачот на УЕФА воопшто не се обиде да ги преведе изјавите на тренерот на Динамо“, пишува во текстот.